top of page

Во книгата „Времето и знаците“ на показ е изнесено изворното библиско сценарио за последните настани од историјата на нашата планета Земја видени со пророчкото око на библиските пророци и апостоли и напишани со нивна рака во Божјата света книга наречена Библија или Свето писмо. Според тоа, не станува збор за некакви пророштва на Нострадамус, ниту за некои и некакви други квази-пророштва на други квази-пророци, туку зборуваме исклучиво за библиските пророштва кои се однесуваат на „последното време“, на „последните денови“ и на „крајот на светот“, како што се нарекува ова наше време и овие наши денови во Библијата.

Според библиските пророштва, пред нас се морничави, монструозни денови обременети со страшни апокалиптички знаменија, време придружено со најразлични и чести катастрофи од редот на големините „еднаш во сто години“, а сè почесто и „еднаш во илјада години“, зашто тие пророчки сцени и настани излегуваат од рамките на природни непогоди и катастрофи и преминуваат во ранг на катаклизми. Нив не ќе може да ги опише ниту најбујната мечта ниту највештото човечко перо. – Да, aпокалиптички библиски пророштва за свирепи грозомори – страшни, најстрашни од кога и да е – вистински ужаси, чиишто реални димензии денешниот човек не може да ги согледа ниту да ги замисли, со кои е зафатена и низ кои болно поминува нашата планета, стравотии кои со необично разиграна динамика молскавично се нижат и множат на неа како се ближиме кон финалниот крај на нејзината историја – време за кое Христос кажува: „Ќе има стравотии и големи знаци на небото… Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот!“ Споулавените стихии во природата и на светската општествена сцена ќе срушат и срамнат сè со земјата. Според тие пророштва, близу е времето кога светот ќе го погоди силна болка која не ќе може да ја ублажи никаков човечки балсам и мевлем, време кога никој не ќе може мирно да спие. Светот забрзано се приготвува за библискиот Армагедон, кога ќе зовријат сите човечки страсти, создавајќи ситуација на светската сцена која никој не ќе може да ја контролира. Оган, колосални пожари и пустења од огромни размери, вулкани, пепел и чад, силни води, урагани, циклони, тајфуни, торнада, земјотреси, разурнувачки катастрофи од секој вид, војни, крвопролевања, болести, епидемии, суши, поплави, глад, жед, страв, смрт…, тоа е наша иднина која е сè поочигледна. Тие ужасни сцени и хорори што секој ден се множат и се засилуваат насекаде на нашата планета, Библијата однапред ги преткажува како знаци кои го најавуваат скорашниот библиски крај и второто Христово доаѓање.

Гревот и грешниците конечно ќе ги оддуваат ветриштата на нивните гревови во неврат и заборав, а за праведните настапува нов свет, вечен живот, чиишто мугри се веќе на повидок и чијашто зора веќе рудее и се обидува да нè допре и да нè гали со своите милни зраци. Да, вечниот ден, кој наскоро ќе осамне за праведните, е нешто од што срцето препукнува од радост и среќа, нешто „што око не видело, што уво не чуло и што во човечкото срце не дошло“ – нешто што „Бог го приготвува за оние кои го љубат“ (1. Коринќаните 2,9).

Имате можност да преземете примерок од книгава „Времето и знаците“. Нејзината соджина не само духовно, туку севкупниот ваш живот ќе го збогати со такви информации и сознанија кои не можете да ги најдете на ниту едно друго место во таков вид.

Времето и знаците

$0.00Price
    bottom of page